Ракометарите на Вардар утре гостуваат во Монпелје, а тоа ќе биде исклучително важен натпревар за Вардар, кој посакува пласман меѓу најдобрите шест екипи на табелата.
Францускиот противник е лидер на табелата и ќе биде нова тешка пречка за избраниците на Давид Дејвис на европската сцена.
„Играме против тежок противник кој игра одлично во Лигата на шампионите и домашниот шампионат во Франција. Ова ќе биде прв натпревар за нас по паузата и очекувам тешка средба. Ние мора да ја играме нашата игра, да веруваме во нас и ќе одиме на победа. Сакаме пласман меѓу најдобрите шест екипи на табелата. Што се однесува до играчкиот кадар, Анте Гаџа нема да игра, двајца играчи имаат физички проблеми, ќе видиме дали тие ќе патуваат со нас“, изјави шпанскиот стратег на клупата на Вардар.
На првото соочување во октомври минатата година, Монпелје запиша сигурна победа во Скопје.