Денес е ден за ракометно дерби, последно оваа година, а можеби и клучно за текот на оваа сезона. Еурофарм Пелистер и Вардар со дуел во Битола ќе го одиграат последниот нивен дуел во оваа 2025 година, која донесе многу возбудувања, неверојатни и незаборавни натпревари.
Во јуни Вардар беше подготвен да ја слави титулата во Скопје, но Е.Пелистер му ја украде „забавата“, го совладаа во Скопје ја подигнаа титулата шампион на Македонија. Токму затоа, Вардар посакува да му се реваншира на Еурофарм Пелистер и со евентуална победа да направи сериозен исчекор кон освојување на титулата.
Овие две екипи сезонава се сретнаа двапати на официјални натпревари, како и уште двапати во подготвителниот период. Еурофарм Пелистер славеше на првите три соочувања, а притоа го освои и Суперкупот, но во последниот дуел Вардар во првенствениот натпревар одигран во Скопје славеше со 31:28.
Вардар е во одлична форма, а тоа го покажува фактот што има петнаесет победи од исто толку натпревари сезонава во Суперлигата, и сигурно сака да го искористи овој момент и со перфектен скор да ја заврши полусезоната. На спротивната страна, пак, за битолчани ова е да се биде или не, затоа што покрај поразот во Скопје имаат и две нерешени средби. Во случај на нов пораз, драстично ќе ги намалат шансите за одбрана на титулата, по третпат во низа.
Дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар започнува од 18:00 часот, а на трибините во „Боро Чурлевски“ кои ќе бидат исполнети до послено место ќе има и навивачи на Вардар, што треба да го збогати овој ракометен спектакл.

