Со натпреварот против Белорусија, нашата ракометна репрезентација ќе го заврши настапот на 27-то СП во ракомет кое се одржува во Египет.
Убедливите порази од Шведска, Египет, Словенија и Русија не се забораваат така лесно, но Македонија денес ја има последната шанса за со победа да го заврши својот настап на ова СП. Влеговме како резерва за да пополниме место кое беше испразнето по откажувањето на Чешка, но сигурно нашите ракометари по бледите настапи посакуваат да завшат со еден добар натпревар и втора победа на ова СП по онаа против Чиле.
Целата ракометна јавност во Македонија е свесна дека нашата ракометна делегација во последен момент доби виза за настап на ова СП и можеби тоа е една од причините, но никако не смее да биде оправдување за незалагањето и без борба загубените натпревари.
Еден добар натпревар денес против Белорусија не може да го поправи вкупниот впечаток за настапот на Македонија во Египет, но може да даде сигнал дека работите можат да одат кон подобро. Со денешниот ривал сме се сретнале само еднаш на големите натпреварувања, на Европското првенство пред пет години и загубивме минимално со 30:29.
Натпреварот во Каиро, Македонија против Белорусија ќе започне од 15:30 часот.

