Со натпреварите кои ќе започнат денес започнува Европското првенство во кошарка Б дивизија за девојќи до 18 години, а кое се одржува во Скопје.
Нешто повеќе од еден месец јуниорките на Македонија беа во активен тренажен процес, одиграа и неколку пријателски натпревариза да бидат подготвени за овој настап на домашен терен. Кошаркарската федерација на Македонија ќе биде домакин на дваесет и две репрезентации од Европа кои ќе се натпреваруваат за влез во првата (А) дивизија. Првите три пласирани репрезентации на ова првенство идната календарска година ќе се здобијат со право за учество на континенталниот собир.
Дванаесетте кошаркарки кои се на списокот на селекторот Жаклина Стојановска и нејзиниот стручен штаб се дел од групата Ц каде ќе разигруваат заедно со соодветните национални селекции на Ирска, Романија, Грција, Словачка и на Австрија.
Нашите репрезентативки натпреварите од групната фаза ќе ги одиграат во малата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“. Сите натпревари се одигруваат во терминот од 18:45. Влезот во салата е бесплатен за сите оние кои сакаат да им помогнат на нашите млади кошаркари да дојдат до добри резултати на ова Европско првенство.
