Денес официјално стартува Европското првенство во ракомет во машка сениорска конкуренција кое годинава ќе го има своето 14-то издание.
Првото ЕП, ЕХФ го организираше во 1994 година, а ова ќе биде уникатно по неколку работи. Од денес до 26 јануари премиерно шест града и три земји ќе бидат домаќини на 24 ракометни репрезентации. За првпат три земји Шведска, Австрија и Норвешка ќе бидат организатори на едно ЕП во машка сениорска конкуренција и на него учествуваат 24 репрезентации. Машата репрезентација по шестти пат ќе учествува на еден континентален собир, или петти пат во низа (1998 – Италија, 2012 – Србија, 2014 – Данска, 2016 – Полска, 2018 – Хрватска).
Ова ЕП не е различно само поради бројот на учесници, тку има промена во натпреварувачкиот систем, па така наместо три, сега првите две екипи од шестте групи (по четири екипи) од прелиминарната рунда обезбедуваат пласман во главната фаза, каде групата 1 ќе ја сочинуваат најдобрите две екипи од А, Б и Ц групите, додека групата 2 оние од Д, Е и Ф групите.
Бодовите од меѓусебните дуели од селекциите кои продолжуваат во главната рунда се пренесуваат. Од таму првите две обезбедуваат полуфинале, додека третите екипи играат за 5. место. Три селекции имаат дебитантски настап на ова ЕП, тоа се Летонија, Холандија и Босна и Херцеговина, а Франција, Шпанија и Хрватска се единствените три селекции кои учествувале на сите ЕП досега.
Нашиот капитен Кирил Лазаров од ЕП 2012 година го држи рекордот на најдобар стрелец на ЕП со 61 гол. Втор на листата е Исланѓанецот Олафур Стефансон со 58 гола на ЕП 2002. Бранител на титулата е репрезентацијата на Шпанија која на ЕП во 2018 година кое се одигра во Хрватска беше подобра од Шведска со 29:23.
Нашата репрезентација своите натпревари од групата Б ги игра во Виена, а доколку избори пласман во главната фаза и групата 1, ќе остане и ќе продолжи со своите натпревари во овој град.

