За прв пат по 60 години, НБА играч има постигнато најмалку 30 поени во осум последователни натпревари од почетокот на сезоната во НБА. Тоа му успеа на словенечката суперѕвезда од Далас Маверикс, Лука Дончиќ, кој секако станува фаворит за МВП на регуларниот дел од сезоната.
23-годишниот плејмејкер постигна најмалку 30 поени во секој од неговите први осум натпревари од сезоната, што го прави само вториот играч во историјата на НБА лигата по легендарниот Вилт Чембрлејн кој го има постигнато тоа. Големиот центар го направи тоа двапати, а неговата најдолга серија беше 23 последователни натпревари од 30+ поени во една сезона.
Дончиќ од почетокот на сезоната последователно постигна 35 поени против Феникс, 32 против Мемфис, 37 против Њу Орлеанс, 41 против Бруклин, 31 против Оклахома, 44 против Орландо, 33 против Јута и 35 поени против Торонто синоќа.
Покрај неговите неверојатни поентерски способности, Дончиќ се приближува и до двоцифрени скокови и асистенции, со просечни просеци во сезоната од 36,7 поени, 9,5 скока и 8,7 асистенции.

