Кошаркарот на Далас Маверикс, Лука Дончиќ, се најде на поширокиот список на играчи кој го објави селекторот на Словенија за квалификацискиот турнир за ОИ закажан во јуни и јули во Каунас, Литванија.
Учеството на 22-годишниот поентер од НБА лигата ќе зависи целосно од ефектот на неговиот тим во плеј-офот кој ќе стартува во текот на викендот и ќе трае околу 8 недели. Квалификациите во Литванија започнуваат на 29 јуни и ќе траат до 4 јули.
Покрај Словенија, во Каунас за виза за Токио ќе се борат и домаќинот Литванија, Полска, Венецуела, Јужна Кореја и Ангола.