Ракометарите на Еурофарм Пелистер го совладаа големиот ривал Вардар со 26:23 и со победата во вистински дерби натпревар се на чекор до титулата во домашниот шампионат.
Битолчани веќе 18 години, од 2005 година кога последен пат ја освоија двојната круна, беа во сенка на скопските тимови Вардар и Металург, но со овој триумф во салата „Боро Чурлевски“ сега се во пол-позиција и се имаат во своите раце. Домашната екипа одлично го почна натпреварот и имаше предност од 13:8, но Вардар успеа да направи серија од 4:0 и да отиде на одмор со негатива од -1 (13:12). На стартот на второто полувреме следеше првото израмнување по она 5-5, кога Манасков реализира за 13-13. Играта гол за гол продолжи и во следниот период, а новата разлика пелистерци ја направија кога Вардар почна да греши. Од 18-17, домашниот тим направи серија од 3:0 и дојде на 21:17. Следуваше нова серија на Вардар кој успеа да намали на 21:20, на влезот во последните десет минути.
На три минути пред крајот Еурофарм Пелистер поради грешки на Вардар дојде до предност од пет гола (26:21), доволно на крајот да се слави победа пред домашната публика со конечни 26:23.
Најдобри стрелци кај Еурофарм Пелистер беа Хосни и Костески со по шест гола, додека Хененберг постигна пет, а Суси четири гола. Кај Вардар, Талески имаше шест гола, а крилата Георгиевски и Манасков погодија по пет пати.
Кај голманите, Лесјак од Еурофарм Пелистер и Ристовски од Вардар 1961 имаа по девет одбрани.
До крајот на македонската ракометна Суперлига остануваат да се одиграат уште две кола во кои тешко дека некој ќе успее да му ја одземе титулата на Еурофарм Пелистер.