ЕХФ денес ги одреди четирите шешири во пресрет на ждрепката за групната фаза на Лигата на шампионите. 16-те екипи ќе бидат поделени во четири шешири според резултатите во претходните сезони.
Во најквалитетната група се најдоа, актуелниот шампион Барселона, Кил, ПИК Сегед и ПСЖ. Македонскиот претставник Вардар во пресрет на ждрепката е сместен во вториот шешир, заедно со Алборг, Киелце и Порто. Третиот го сочинуваат Мешков Брест, Флензбург, Веспрем и Монпелје, додека во последниот четврти се најдоа Мотор Запорожје, ППД Загреб, Динамо Букурешт и Елверум. Според планот групната фаза ќе се игра стандардно во двокружен систем со 14 кола, екипите ќе бидат поделени во две групи, а две од нив ќе го завршат натпреварувањето уште во првата фаза.

Што се однесува за настапот на Вардар, ЕХФ нагласи дека Вардар е под истрага и ќе мора прво да стигнат гаранциите од 1 милион евра од сопственикот Михајло Михајловски, пред „црвено-црните“ да го почнат својот настап во елитното натпреварување.
Ждрепката ќе се одржи в петок (2 јули) со почеток од 11:00 часот во Виена.

