Во текот на вчерашниот ден имаше најава, а денес тоа се официјализираше. ЕХФ денес објави дека Македонија нема да има два претставника во новата сезона на Лигата на шампионите, откако не одговорија позитивно на апликацијата на македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер.
Со оглед на високиот рејтинг кој го има македонскиот ракомет на европска сцена (трето место), битолскиот тим исто како лани аплицираше за „вајлд-карта“ за ново учество во ракометната елита, но овој пат не го доби посакуваниот одговор од страна на Европската ракометна федерација.
Познато е дека од следната сезона, ракометната Лига на шампиони ќе се игра по нов формат и само 16 екипи. „Среќни добитници“ на „вајлд-карта“ се екипите на Нант каде настапува Кире Лазаров, ПИК Сегед, Елверум, Динамо Букурешт, Целје Пивоварна Лашко и Мешков Брест. Покрај Еурофарм Пелистер, наместо во Лигата на шампионите, во Европската лига ќе се натпреваруваат екипите на Адемар Леон, Спортинг Лисабон, Кадетен Шафхаузен, Бешикташ, Висла Плок, Мотор Запорожје и ГОГ Гудме.
Ждрепката за групната фаза на Лигата на шампионите треба да се одржи на први јули кога ќе знаеме кои ќе му бидат противници на Вардар.