Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер објави дека завршиле голема работа со потпишувањето на нов договор со македонскиот репрезентативец Ненад Костески. Младото десно крило ја игра својата трета сезона во Битола, а по денешниот потпис ќе остане во клубот најмалку до 2025 година.
Битолчани денес го објавија потписот на Костески, а ракометарот изрази задоволство за неговиот развој во екипата на Еурофарм Пелистер.
„Ова ми е трета сезона тука, задоволен сум и се гледа голем напредок во оваа екипа. Клубот од година во година расте и тоа беше главна причина што го продолжив договорот. Се надевам на големи успеси и враќање на титулите во Купот и во домашното првенство во Битола. Наскоро ќе ја дознаеме групата во Европската лига, сите ја очекуваме. Ќе биде тешко, но ние имаме тим и капацитет, па се надевам дека ќе ја минеме групната фаза и ќе продолжиме понатаму“, рече Костески.
Костески сезонава игра многу постандардно и клубот од Битола одлучи да ја гради својата иднина врз 21-годишниот ракометар.