Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја забележаа втората победа во групната фаза на Европската лига на ЕХФ, откако во Битола убедливо го совладаа лидерот Гдањск со 34-27. Македонскиот претставник одигра одлично прво полувреме, кое го доби со шест гола предност (20-14), а во продолжението успешно ја контролираше играта и резултатот.
Битолчани одиграа енергично, со цврста одбрана и многу подобра реализација во нападот, не дозволувајќи му на полскиот тим да ја наметне својата игра. Предноста од шест гола на паузата беше одлична основа, а во вториот дел Пелистер ја задржа контролата и заслужено стигна до значајните бодови.
Со победата, Пелистер не само што ја прекина серијата на полскиот состав туку и ја врати неизвесноста во борбата за местата кои водат понатаму. Кузмановски со осум гола беше најефикасен кај нашиот тим, пет имаше Петар Атанасијевиќ, а Видомски, Пешевски и Хагбарт завршија со по четири погодоци.

