Екипата на Еурофарм Пелистер е последниот наш преставник во ракометните евро купови која треба да ги започне своите настапи на меѓународна сцена.
Вардар во Лигата на шампионите и Металург во Европската лига веќе ги имаа првите свои настапи, а Еурофарм Пелистер по долга пауза се враќа на теренот за да одигра официјален натпревар. Избраниците на тренерот Бабиќ долго се без официјален меч, по дури 258 дена вечерва ќе излезат на терен и ќе играат официјален меч, а оваа голема пауза ја искористија за добра подготовка,но и за анализа на противникот. Атмосферата во Еурофарм Пелистер е одлична, конкуренцијата никогаш посилна, па дури и тројца репрезентативци на своите земји мораа да останат во Битола заради големата конкуренција и тактичкиот избор на хрватскиот стручњак.
ГОГ Гудме има многу поголеми проблеми со повредите, па дури и заморот. Но, во овој период на корона-криза многу подобро е да се игра, па дури и малку повеќе, отколку да се тренира и да се чека „зелено светло“ од Европската ракометна централа (ЕХФ) за тоа дали ќе можете да го одиграте вашиот натпревар. Ммакедонскиот вицешампион во Данска ќе се соочи и со гледачи на трибините, нешто што не се случило од натпреварот во февруари против Нексе во СЕХА лигата 2019/20. Екипата на Еурофам Пелистер претпладнево го одржа единствениот тренинг за да го почувствува теренот во салата каде вечерва треба да настапат.
Останува да видиме дали оваа пауза и долг период за подготовка на екипата за тактика против ГОГ Гудме ќе биде добра за Еурофарм Пелистер или неиграњето на натпревари ќе се почувствува во самата игра. Натпреварот меѓу ГОГ Гудме и Еурофарм Пелистер се игра вечерва од 18.45 часот.

