Ракометарите на Еурофарм Пелистер се поразени во стартниот натпревар од новата сезона во Лигата на шампионите на ЕХФ. Домашниот тим немаше сили да се спротистави на фаворизираниот гостински тим на Колштад и загуби на дуелот во Битола со 22:31.
Домашната екипа поведе со 1:0 на стартот на мечот, а гостгите возвратија со серија од 7:0 и дојдоа до предност од 7:1 со што покажаа уште на самиот почеток дека се дојдени по бодовите во Битола. Во текот на првото полувреме Колштад ја зголемуваше предноста и на одмор замина со 10:16.
Фуриозен беше стартот на Колштад и во вториот дел, кога со серија од три гола, стигнаа до највисоки во тој момент девет гола предност (19:10). Потоа гостите само рутински го одработија второто полувреме и на крајот стигнаа до убедлива победа.
Кај Пелистер најефикасен беше Радивојевиќ со 6 гола, а Лесјек имаше девет одбрани. Крилните играчи на Колштад, Олберг и Годјонсон беа незапирливи и постигнаа по девет погодоци.
За Пелистер ова беше прв меч во ракометната Лига на шампиони по пауза од 18 години. Во следното коло Еурофарм Пелистер ќе гостува во Данска кај екипата на Алборг која славеше на гостувањето кај Киелце во првото коло.