Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер го потврди големото засилување во бековската линија. Нов играч на битолчани е репрезентативниот бек Филип Кузмановски, кој доаѓа директно од Бундеслигата, каде што настапуваше за Вецлар.
Денес се појави информацијата дека Кузмановски го раскина договорот со бундеслигашот, а клубот од Битола го официјализираше потписот. Пелистерци се пофалија со аквизицијата на еден од најдобрите македонски ракометари, кој потекнува од Битола и веќе е на пат кон Македонија за да парафира договор со првакот.
„Ни претставува особена чест и задоволство да ја информираме јавноста дека од денес нов член на Еурофарм Пелистер е македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски. Процесот на обединување на македонските репрезентативци и квалитетни странски засилувања продолжува и враќањето на нашиот поранешен член е одлука која оди во тој правец. Филип Кузмановски наскоро ќе му се стави на располагање на стручниот штаб и неговото деби се очекува деновите во Суперлигата и Лигата на шампионите. Официјалното претставување на Кузмановски како нов ракометар на Еурофарм Пелистер е закажано за понеделник 20 ноември“, се вели во соопштението на македонскиот шампион.

27-годишниот Кузмановски првите ракометни чекори ги направи во Битола и доби афирмација во родниот град. Потоа се пресели во Металург, кратко играше во Еурофарм Работник, па се одлучи за интернационална кариера. Кузмановски се пресели во Германија , една сезона го носеше дресот на Магдебург, па три сезони настапуваше за Хановер, а од јануари годинава го носеше дресот на Вецлар и соработуваше со Филип Миркуловски кој беше дел од стручниот штаб.