Ракометарите на Еурофарм Пелистер влегоа во победнички ритам во Европската ракометна лига и ја забележаа третата победа во серија од ова натпреварување, откако славеа и во вториот натпревар со Татабања за само два дена.
По вчерашните 21:19, вечерва, македонскиот тим славеше со 24:21 (9:11), иако долго време беше во негатива и ја бркаше предноста на Татабања која на момент во првото полувреме беше и 4 голови разлика. Со овие две победи Еурофарм Пелистер ги задржа шансите за пласман во елиминационата фаза.
Мандалиниќ со девет гола од 14 обиди беше најдобар стрелец во редовите на домашната екипа, а солиден настап имаше и голманот Хендави со 9 одбрани.
Следен предизвик за Еурофарм Пелистер е тимот на ГОГ Гудме, дуел кој исто така се игра во Битола (16 февруари), додека една седмица подоцна во салата „Боро Чурлевски“ ќе гостува и германскиот гигант Рајн Некар Левен кој е лидер на табелата во групата Д.

