Во првиот натпревар од осминафиналето на СЕХА лигата, екипата на Еурофарм Пелистер е поразена на гостувањето во Нашице кај Нексе со 23:20 (10:9) и со активен пораз ќе го чека реваншот во Битола.
И покрај тоа што тренерот на домашната екипа Хорват не можеше да смета на тројца стандардни првотимци, а кај битолчани недостигнаа Шевелев, Кузманоски и Стјепановиќ сепак гледавме добар натпревар кој заврши со победа на домашниот тим.
Двете екипи почнаа нервозно и со многу технички грешки, но сепак на полувреме се замина со минимална предност од 10:9, но во вториот дел Нексе направи резултатска предност која на крајот им даде предност пред гостувањето во Битола.
Најефикасни во тимот на Нексе беа Јаман Баришиќ и Кевиќ со четири гола, а Морено Цар имаше девет одбрани. Кај Еурофарм Пелистер се истакнаа Остроушко со седум и Јотиќ со шест гола, а Митревски и Чаневски заедно имаа 15 одбрани.
Реванш натпреварот, по кој ќе се знае кој ќе му биде противник на Вардар во четвртфиналето, ќе се игра на 12 февруари во 20:15 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.