Македонскиот ракометен шампион Е. Пелистер денеска во Загреб ги продолжува настапите во дебитантската сезона од Лигата на шампионите. Нов предизвик за први бодови за битолските „зелено-бели“ ќе биде хрватскиот шампион Загреб, кој е редовен учесник во групната фаза на најквалитетното европско клупско натпреварување.
Момците на Александар Јовиќ денеска ќе се обидат да ја искористат првата вистинска шанса да дојдат до први бодови во групата, против еден од тимовите со кои реално нашиот тим може да се носи на овие силни европски дуели.
„Во седум дена не чекаат три тешки средби. Првата е оваа со Загреб на гости. Формата оди во нагорна линија, ќе се обидеме да ги отстраниме грешките кои ги направивме на минатите средби на кои не успеавме да оствариме подобри резултати. Загреб е добар тим, со добар склоп на млади и искусни играчи. Со Загреб ќе бркаме прва победа во Лигата на шампионите, па потоа ни следуваат Вардар и Киелце“, вели Јовиќ пред дуелот кој вечерва почнува од 18.45 часот.

