Светската кошаркарска федерација (ФИБА) ги објави деталите околу начинот на кој ќе се играат квалификациите за следниот Мундобаскет во 2023 година, во кои, првпат во историјата, ќе настапува и репрезентацијата на Македонија.
Предвидени се две фази, односно по првичната поделба на 32 селекции што ќе учествуваат во осум групи, најдобрите три од секоја од нив ќе продолжи во вториот дел каде што ќе бидат распределени во четири дела со по шест национални тима. Новината за овој циклус е што репрезентациите во втората фаза ќе ги пренесуваат бодовите од првата. Пласман на Мундобаскетот ќе обезбедат првопласираните три селекции од секоја од четирите новоформирани групи.
Првата етапа ќе се игра во три прозорци и тоа од 20 до 30 ноември 2021, од 21 февруари до 1 март 2022 и од 27 јуни до 5 јули 2022 година. Во втората фаза ќе се игра од 22 септември до 30 август 2022, од 7 до 15 ноември 2022 и од 20 до 28 февруари 2023 година, со по два натпревара во секој прозорец.
Ждрепката за квалификациите за Светското првенство ќе се одржи на 31 август.