Вардар го очекува првиот натпревар од двомечот со Веспрем, а на средбата со медиумите, зборуваше и искусното крило Гоце Георгиевски.
„Веспрем е добро познат ривал за нас. Знаеме за каков тим се работи, екипа со многу добри играчи. Ние се подготвувавме неколку дена за нив, колку што дозволува времето. Можам да ги повикам љубителите на ракометот да ни дадат поддршка која ни е потребна. Веспрем е силен ривал. Ќе гледаме да ги испочитуваме барањата од тренинзите. Колку ќе ја пресликаме тактиката, ќе бидеме поблизу да направиме добар резултат в четврток. Немаме посакуван резултат. Не може да се каже тоа, секој натпревар има своја тежина. Според мене, предност е што играме прво дома, ама не може да се каже која е оптималната разлика“, изјави Георгиевски.
Вардар и Веспрем се стари, добри познаници, а интересно е тоа што сегашниот тренер на Вардар, Давид Дејвис го водеше овој тим во минатото па со сигурност знае добро кои се слабите страни на противникот.
Првата средба од двомечот е закажана за в четврток со старт во 18:45 часот во СЦ „Јане Сандански“, додека реваншот е седум дена подоцна во Веспрем.