Вардар се подготвува за третиот натпревар од регионалната СЕХА лига, а во Скопје гостува словачкиот Татран Прешов.
Еден од поискусните играчи во екипата на Вардар, Гоце Георгиевски истакна дека се надева на поволен резултат против словачкиот шампион, но и верува во триумф на неговата екипа од пет гола разлика.
,,Би било фантастично да победиме со пет гола разлика, речиси ќе обезбедиме прво место во група. Пред првиот дуел, како што кажа и тренерот Недановски, немавме тренинзи, ние дојдовме директно од авион од Светско првенство на натпревар со Татран. Сега гледаме анализа од првиот дуел, како сме играле, каде сме грешеле и да ги поправиме тие грешки и мислам дека подобро ќе одиграме во петок, но сепак, Татран е добра и квалитетна екипа и доколку го испочитуваме она што ќе го договориме да го играме на тој натпревар, мислам дека ќе победиме, се надевам и со пет гола разлика. На првиот натпревар со Татран можевме да изгубиме и со помалку негатива, имавме напад за минус еден, но во последните минути направиме неколку грешки и отидовме на четири гола разлика и мислам дека не е реална таа разлика. Ќе одиме на победа од пет гола разлика и ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека кога се игра подобра одбрана, се игра и подобар напад. Таа самодоверба, која ја имаш во одбраната ја пренесуваш и во нападот, играш послободно и мислам дека одбраната го добива натпреварот и одбраната ако функционира на едно добро и високо ниво, верувам дека ќе победиме”, заврши Георгиевски.
Натпреварот меѓу Вардар и Татран Прешов се игра в петок во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.