Женската ракометна репрезентација на Македонија денес го започнува својот настап на Европското првенство. Прв ривал на турнирот ќе ни биде селекцијата на Шведска, која ја добива фаворитската улога од селектор на нашата репрезентација Кристијан Грчевски кој ја означи како репрезентација која ќе се бори за медал на овој шампионат.
„Нашата цел е веќе остварена со успешните квалификации, како еден од најмладите состави. Настапот на Европското првенство ќе биде клучна точка за нас, за стекнување драгоцено искуство за во иднина. Дефинитивно се чувствуваме нервозно пред стартот на првенството, но на позитивен начин, иако во исто време играме со Шведска, која е подготвена да се бори за медал на првенството и ќе се обидеме да се претставиме на најдобар можен начин. Малку ќе калкулираме бидејќи целта ни е натпреварот против Турција, каде што ги гледаме нашите најголеми шанси за победа. Имаме неколку искусни играчи, а остатокот од тимот се состои од многу млади ракометарки и ова првенство ќе биде од големпо значење за нашите млади играчи. Всушност, ни треба континуитет на играње на големите турнири за да станеме поискусни како тим кој можеме да го користиме за во иднина“, изјави Грчевски пред стартот на ЕП 2024.
Првиот меч од групната фаза Македонија ќе го одигра вечерва во 20:30 часот, а противник ни е селекцијата на Шведска, во следните денови ќе играме и со Турција и Унгарија. Македонија своите натпревари од ова ЕП ги игра во Дебрецин.

