Кошаркарите на Денвер Нагетс победија во треттиот натпревар од финалната серија во НБА-лигата и со тоа ја вратија предноста. Денвер синоќа славеше кај Мајами со 109:94.
Никола Јокиќ повторно беше фантастичен, оствари нов трипл-дабл од 32 поени, 21 скок и 10 асистенции и стана првиот кошаркар во историјата на финалните мечеви во НБА кој имал учинок од најмалку 30 поени, 20 скокови и 10 асистенции. Сепак, Јокиќ не беше сам во оваа победа, го имаше покрај себе расположениот Џамал Мареј, кој исто така оствари трипл-дабл од 34 поени и по 10 скокови и асистенции. Јокиќ и Мареј станаа првите соиграчи кои оствариле трипл-дабл во натпревар од финалната серија и тоа со најмалку 30 постигнати поени. Кај Мајами, најрасположени за игра беа Џими Батлер со 28 поени и Бам Адебајо со 22 поени и 17 скока.
Четвртиот меч, повторно ќе се игра во Мајами и тоа во ноќта помеѓу петок и сабота.