Ракометарите на Вардар в среда во Скопје го пречекуваат тимот на ППД Загреб во нов меч од СЕХА Газпром лигата. По победата над Кристијанштад во Лигата на шампионите, „црвено-црните“ против директниот конкурент за врвот на табелата во регионалната конкуренција ќе се обидат да ја продолжат победничката низа.
Тренерот Гарсија Парондо, на прес-конференцијата одржана денеска, вели дека ова ќе биде една исклучително тешка недела.
„Оваа недела имаме два меча, СЕХА в среда и ЛШ во сабота и ќе биде тешка недела за нас. Во завршна фаза сме и од двете натпреварувања. Секако дека сакаме да одиграме добар меч со Загреб, но сакаме да мислиме и на Монпелје. Во СЕХА-лигата сме веќе во Ф4 и тоа е најважното за нас“, вели стратегот на Вардар.
Еден од милениците на скопската публика, Игор Карачиќ, вели дека и покрај тоа што Вардар веќе е на Ф4 турнирот, ќе даде се од себе за да победи и во среда, но и на дуелот со Монтпелје викендов во ЛШ.
„Нашите мисли се свртени кон мечот со Монтпелје, но играчки и од наша страна мора да се одигра тој меч со Загреб, иако веќе сме сигурни патници на Ф4 во Сеха Лигата. Го гледав мечот со Флензбург и секако Загреб е една одлична екипа. Нема да ни биде лесно, останува да видиме кои ќе бидат новитетите и кај нив со оглед на тоа што имаат повреди. Не сакаме да се случи изненадување и треба да продолжиме онаму каде што застанавме во Кристијнаштад. Треба да продолжиме и да ја завршиме недалата со две победи“, вели Карачиќ.
