По пристигнувњето на резултатите од ковид-тестирањето на прволигашите, раководството на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) донесе одлука за одложување на стартот на сезоната.
Домашниот шампионат требаше да започне овој викенд, но откако се покажа дека во повеќе клубови има неколку заразени од коронавирусот, едноставно нема услови за безбедно одигрување на прволигашки натпревар. Токму затоа КФСМ мораше да се одлучи на ваков потег.
„Имајќи ја во предвид целокупната епидемиолошка ситуација во земјата и фактот дека бројот на ново заболени секојдневно се зголемува, раководството на КФСМ донесе одлука за одложување на почетокот на натпреварувачката сезона 2020/2021 во Прва лига-мажи, кој првично беше предвиден да биде овој викенд, односно на 10 и 11. октомври.
Во очекување на комплетните резултати од PCR тестирањето за корона вирусот кое го спроведуваме, а со кое беа опфатени сите клубови од Првата лига-мажи, како и официјалните лица, а поради неможноста да се предвиди временската рамка во однос на евентуалниот почеток на првенството, во овој момент не може да се гарантира дека започнувањето на националниот шампионат би имал регуларен тек.
Во наредниот период, федерацијата ќе ја следи состојбата во нашата држава од здравствен аспект. Во консултации со Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, ќе биде донесена одлука за почетокот на натпреварите од Првата лига-мажи“, велат од КФСМ.

