Кошаркарите на МЗТ Скопје доцна синоќа забележаа сигурна победа на гостувањето во Тузла кај Слобода со 82-69 во рамките на АБА2 лигата. Иако популарните „штркови“ славеа убедливо нивниот тренер, Ѓорѓи Кочов, изјави дека кошаркарите не смеат да си дозволат опуштање во финишот на мечот.
„Мораме да бидеме задоволни како одигравме во одбраната. Малку се опуштивме во финишот на мечот, но, тоа не смее да ни се случува без разлика каков и да е резултатот. Играчите мора да бидат професионалци и не смеат да си дозволат такви падови во играта“ – нагласи тренерот на МЗТ Скопје.
Нашиот состав во наредната рунда на 25 декември ќе му биде домаќин на тимот на Спарс Сараево. На табелата по 12 кола води Борац со 23 бодови пред МЗТ Скопје со 21 и Рогашка со 20.

