По одморот од долготото патување, нашата најдобра кошаркарска репрезентација утрово го одработи и првиот тренинг во Перм.
Селекторот Александар Тодоров во салата каде ќе се игра турирот, Арената „Mолот“, ги имаше на располагање сите 15 играчи на кои смета за четирите натпревари. За прв пат од почетокот на подготовките, заедно со другиот дел од тимот тренираа Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски кои последни се приклучија на репрезентацијата.
„Засилување“ има и во стручниот штаб. На тренинг е и Никола Василев, кој поради професионалните обврски со својот клуб во Литванија се приклучува од денеска во работата со националниот тим. Освен овој, на првиот ден од престојот во Перм, „црвено-жолтите“ ќе одработат уште еден тренинг и тоа од 15.45 до 17.15 часот по македонско време.
Пред Македонија се четири натпревари во овој така наречен „балон“. За два дена прв ривал ќе биде Италија, а веќе следниот ден Македонија игра со Русија. Потоа следува дводневна пауза, па на 21 февруари ќе играат повторно против Италија и на крајот, ден подоцна со Естонија.
Македонија во моментов е последна во групата Б за пласман на Европското првенство, со два порази, но досега има најмалку одиграни натпревари во споредба со противниците. Во Перм целта е да се извлече што е можно подобар резултат и да се достигне Естонија за пласман на ЕП.

