Македонската кошаркарска репрезентација успеа да се пласира во втората фаза од претквалификациите за ЕП 2021 и покрај поразот на гостување кај Швајцарија. Македонија загуби со 79:85, но за наша среќа овој пораз беше со помала разлика од онаа средба која ја добивме против овој ривал во Скопје (83:68).
Можеби нашите кошаркари ја остварија планираната цел, но она што го прикажаа вечерва во Швајцарија е предупредување дека со ваква игра не може против многу посилните репрезентации. Избраниците на селекторот Јорданчо Давитков лошо го почнаа натпреварот, но успеаа да фатат приклучок во продолжение на оваа средба и беа во игра се до самиот крај на средбата кога имаа негатива од 81:79, но потоа не успеаа да постигнат поени во клучните моменти од средбата кои го добија домашните кошаркари со 85:79.
Војдан Стојановски со 24 поени беше убедливо најпрецизен во нашиот состав, Бојан Трајковски реализира 19 поени, Дамјан Стојановски имаше 13 поени, а дебитантот Шејн Витингтон завршши со 11 поени. Следниот предизвик за Македонија ќе биде во септември кога ќе почне втората рунда од претквалификациите за ЕП 2021.