Кошаркарите на Пелистер како домаќини на завршниот турнир од кошаркарскиот Куп на Македонија, денеска во полуфиналето (19.30 ч.) го очекуваат дуелот со Еуро Никел со надеж дека ќе обезбедат финале. Искусниот капитен-поентер, Александар Костоски, пред дуелот вели дека фаворитската улога ја задржуваат „зелено-белите“.
„Направивме анализа на последниот меч со Еуро Никел и морам да кажам дека овој тим има точно одредени задачи за играчите. Еден од клучните фактори на овој меч ќе биде да им оневозможиме да воспостават тип на игра која им одговара, еден мирен проток кој го негуваат од почетокот на сезоната. Се надевам дека со уште поголем број на наши навивачи на денешниот меч ќе оствариме уште поголема победа и ќе и донесеме на Битола едно историско финале. Ние сме силно мотивирани, купот го организиравме за да го освоиме, да играме во финалето. Имаме квалитетен ростер, кој во следниот период ќе покаже дека влегува меѓу фаворитите не само за купот туку и во првенството. Мислам дека нашата ротација ќе биде главна предност денеска за нас. Еуро Никел игра со 6-7 играчи во ротација, ние имаме подобар избор, побрза игра, брза транзиција и ќе се обидеме да го искористиме тоа за да дојдеме до победата“, вели во изјава за Спортското радио 90.3 фм, еден од најискусните во составот на Пелистер, Александар Костоски.