Македонската ракометна репрезентација одигра храбро и мотивирано против силната селекција на Португалија и со ремито во Хернинг останува во игра за пласман во главната рунда на Европското првенство.
Капитенот Филип Кузмановски беше вистински лидер на теренот , постигна 15 гола и заслужено беше прогласен за играч на натпреварот, а во својата прва изјава не го криеше воодушевувањето од начинот на кој целата екипа играше во текот на целиот натпревар и го освои големиот бод.
„Тешко е да се говори после ваков натпревар, едноставно верувавме во себе, знаевме дека имаме квалитет да играме со Португалија. Работевме напорно и фокусот ни беше на овој натпревар и на следниот со Романија. Среќен и горд сум за целата екипа што се бореше цели 60 минути, имавме крв во очи и покажавме дека имаме големо срце и се играме со душа за Македонија. Она што е најважно сега е да останаме со ладни глави и да одиме на победа против Романија, па ќе видиме колку тоа ќе ни даде шанса за пласман во следната фаза“, истакна капитенот Филип Кузмановски.

