Ракометарите на Македонија забележаа победа во драматична завршница над Романците (24:23) во последното коло од групната фаза на Европското првенство. Оваа победа значи дека сигурно ќе бидеме со пласман кој ќе ни донесе еден бараж и улога на фаворит во ждребката.
По натпреварот капитенот Филип Кузмановски го искажа задоволството за одиграното првенство:
„Мора да бидеме задоволни со победа на Европско првенство. Можеби очекуваме повеќе, поквалитетни сме од резултатот, но со голем притисок влеговме во вториот дел за да бркаме разлика за да дојдеме до главната група. Не успеавме во тоа, треба да бидеме свесни дека имаме квалитет за нешто повеќе и мислам дека заслуживме да бидеме во главната групна фаза. Горд сум на момците, одигравме уште еден добар меч, покажавме дека веруваме во себе и оваа генерација ветува многу за иднината. Тоа треба да го покажеме на теренот. Да победевме со поголема гол-разлика, ќе се надевавме на нешто. Вака ќе уживаме во мечот и треба да бидеме среќни со победата. Фала за цела Македонија, за навивачите. Одиме понатаму“ рече Кузмановски.

