По два месеци откако имаа настап на Светското првенство во Полска и Шведска, македонската ракометна репрезентација повторно ќе се собере за продолжувањето на квалификациите за Европското првенство во Германија. Од исходот на натпреварите против Португалија ќе биде познат пласманот во групата, во која овие две селекции ќе завршат на првите две места, пред Турција и Луксембург.
Селекторот Кире Лазаров се реши да направи одредени промени во тимот, па селекцијата на Макеоднија сега се потпира главно на ракометари од Еурофарм Пелистер и Алкалоид. По подолго време ги нема Дејан Манасков и Гоце Георгиевски, а од списокот на СП недостигаат и Савревски и Петковски. Повратник е Марио Танковски, а се враќа и голманот Марко Кизиќ.
Од повиканите 22 ракометари, шеснаесет ќе играат на натпреварите во Скопје и Матосињос. Првиот дуел е во Скопје в четврток во 19:00 часот, а реваншот в недела во предградието на Порто.
На денешниот собир во Скопје ќе се јават поголемиот дел од ракометарите, а интернационалците Кузмановски и Митревски треба да пристигнат во текот на утрешниот ден, по што ќе се комплетира нашата репрезентација.