Македонската ракометна репрезентација e во завршната фаза од подготвките за Светското првенство, а во неа е вклучен пријателски натпревар со Хрватска, како и тренинзи во Вараждин до почетокот на СП.
Селекторот Кире Лазаров во изјава за Спортското радио 90,3 ја анализираше досегашната работа на националниот тим и импресии од досега сработеното, но и плановите до стартот на СП.
„Задоволен сум од она што го сработивме. Не брзавме, имавме доста време и сега доаѓаме до финалниот дел од подготовките. Ќе можеме да ја почувствуваме атмосферата во Хрватска, ќе одиграме пријателски натпревар со Хрватите, по што ќе можеме во мир да ги докомплетираме подготовките. До почетокот на СП ќе бидеме сместени во Вараждин, на располагање ќе имаме добри услови , фитнес центар и спортска сала 24/7 и тоа треба да го искористиме за да се подготвиме најдобро за натпреварите“ вели Лазаров.
Македонскиот селектор зборуваше и за здравствената состојба и посакува репрезентацијата да остане без проблеми со повреди во периодот кој следува.
„Засега сите ракометари се здрави, се надевам дека така и ќе остане. Патуваме со 19 играчи бидејќи сметам дека ќе ни биде потребен поширок ростер, пред се бидејќи имаме неколку играчи кои одвреме навреме ги штедиме во тренажниот процес бидејќи влечат стари повреди“ потенцираше селекторот.
Унгарија е прв противник на Македонија, по што следуваат дуели со Холандија и Гвинеја.
„Ние сега размислуваме само за Унгарија и се подготвуваме само за овој натпревар, подоцна ќе ги анализираме останатите противници. Периодов ќе обезбедиме и дополнителен материјал за Холандија и Гвинеја, бидејќи сега доаѓаат пријателските натпревари и ќе имаме покомплетни информации за противниците во групната фаза“ истакна Лазаров.
Селекторот ја истакна и целта за пријателското соочување со кодомаќинот Хрватска.
„Ќе го искористиме и ќе се обидеме да го презентираме она што го имаме сработено, да видиме до каде сме и со физичката подготвеност и тоа против квалитетна репрезентација која има големи амбиции на СП. Мислам дека имаме одличен противник за проверка на сработеното, а резултатот нема да биде во прв план“ заврши селектор Лазаров.

