Селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, го најави почетокот на квалификациите за Европското првенство во 2028 година, каде прв противник ќе биде селекцијата на Луксембург.
Лазаров е убеден дека неговите избраници имаат големо искуство и очекува Македонија да ја оправда фаворитската улога на првиот натпревар на домашен терен.
„Мислам дека веќе имаме големо искуство зад себе. Очекувам да бидеме на висина на задачата, но ќе барам внимателност од момчињата, затоа што Луксембург не е наивна екипа, а од неодамна има и селектор со огромно искуство. Немаме многу видео-материјали од играта на противинкот, но знаеме дека поседува квалитет и нема да се залажуваме пред почетокот на мечот.
Максимално ќе го искористиме краткиот период за подготовка и очекувам да бидеме прецизни и фокусирани во работата. Особен акцент ќе ставиме на техничко-тактичките замисли, па очекувам да излеземе подготвени на теренот, со голема желба за победа.
Имаме и нов играч во ростерот, тоа е Дмитро Хориха. За него кажав и на прес-конференцијата дека се работи за квалитетен ракометар, кој изрази желба да игра за Македонија. Играше за Вардар, нашата јавност го знае многу добро. Сега е член на Сегед, каде очекувам уште повеќе да напредува. Со него добиваме поширока ротација и конкуренција во составот, па се надевам дека ќе ни биде од корист во мечевите што следат“, изјави Лазаров.

