Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, заедно со своите избраници се подготвуваат за завршниот натпревар од Европското првенство во Германија. Македонија ќе се сретне со Швајцарија, а нашиот предводник најавува дека ќеима голема борба на теренот.
„Да не се повторуваме, Швајцарија одигра реми со олимпискиот шампион, Франција. Покажаа дека имаат голем квалитет и имаат големи амбиции. Ќе биде ова тежок дуел со екстра-квалитетен противник, имаат индивидуалци како Шмит, Зендер и Портнер, тука е и Робин, добар голгетер.
Ако некаде имаме шанси да бидеме подобри од противникот, тоа е дуелот со Швајцарија. Ќе им ја препуштиме ним фаворитската улога, а ние ако се поправиме во некои сегменти, мислам дека можеме да дојдеме до успех. Мора да ги сведеме грешките на минимум или воопшто да ги нема. Некогаш и противникот ве наведува да грешите, ќе мораме со добра одбрана „шест на шест“ да дојдеме до позитивен резултат“, изјави Лазаров.
Македонија очекувано ги загуби првите два меча со Франција и Германија, а последната шанса за поправање на впечатокот на ова ЕП ќе биде токму дуелот со Швајцарците. Навивачите и љубителите на ракометот во Македонија очекуваат максимално залагање и евентуална прва победа на Европското првенство.

