Машката ракометна репрезентација на Македонија треба да ги одигра последните два натпревари во рамките на квалификациите за Европско првенство во Германија.
Селекторот Кирил Лазаров го објави списокот со 35 ракометари, од кој ќе направи кратење за да го добие финалниот ростер за натпреварите со Луксембург и Турција. Во репрезентацијата се враќаат вардарците Филип Талески и Гоце Георгиевски, меѓутоа повторно ќе го нема Дејан Манасков.
На поширокиот список имаше место и за интернационалците на крилните позиции, Димитар Димитриоски и Мартин Поповски, додека во тимот преовладуваат ракометари од домашното првенство. Ојлески и Дрогришки пак ќе го облечат дресот со државниот грб, а Алкалоид и Еурофарм Пелистер доминираат на поширокиот список на селекторот Лазаров.
Во рамките на априлската ЕХФ недела, Македонија на 26 април ќе гостува на селекцијата на Луксембург, додека на 30 април во Скопје доаѓа репрезентацијата на Турција. На претходниот собир Македонија двапати загуби од Португалија, па дуелот со Турција ќе биде клучен во битката за второто место кое води директно на континенталниот собир.