Македонија е поразена во првиот натпревар од ЕП во Германија, моќната репрезентација на Франција извојуваше победа од 39:29, во натпревар кој на стадионот „Меркур Шпил Арена“ го следеа преку 53.000 гледачи.
По натпреварот на прес-конференцијата својот став го искажа селекторот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров.
„Честитки за француската репрезентација, која заслужи да победи на оваа средба. Можеби денес игравме против најсилната европска селекција. Игравме добро, задоволен сум, но не е доволно да играте добро 40-45 минута против репрезентација како Франција. Не сум задоволен од резултатот, бидејќи загубивме со десет разлика. Можеби пореално беше да биде на крајот 6,7,8 разлика. Направивме премногу грешки, а кога играте против селекција како Франција тешко е да се очекува нешто со толку многу грешки.Сега имаме четири дена да го подготвиме натпреварот со Германија и верувам во оваа селекција“, рече Лазаров.
Утре нашите ракометари заедно со останатите селекции од нашата група патуваат за Берлин и првпат ќе тренираат во „Мерцедес Бенц Арена“, каде в недела ќе се соочат со домашната селекција на Германија.