Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, очекувано беше задоволен после нерешениот резултато против Унгарија на стартот од Светското првенство, а исто така ги пофали своите играчи за добриот пристап.
Македонија имаше и напад за победа, но на крајот мораше да се задоволи само со бод, а селекторот смета дека играчите покажале како треба да се игра за Македонија.
„Игравме со една одлична екипа, тактички многу спремна. Беше тешко во текот на сите 60 минути, но ние добро ги анализиравме и го покажавме тоа. Ќе бидеме скромни, малку фалеше за да дојдеме до победа. Сега ни следува Холандија, моите мисли се веќе кон тој натпревар и се надевам дека ќе го повториме овој пристап и ќе се радуваме на победа. Треба да бидеме задоволни, иако слободно кажувам дека пропуштивме чиста победа. Неискуството на нашите играчи по тајм-аутот, не знаеја да влезат во фаул, направивме техничка грешка. Да влезевме во фаул, ќе го завршевме мечот во наша корист. Можеби требаше порано да викнам тајм-аут, но тоа е тоа. Нашиот денешен ривал беше петти на последното првенство, ова е одлична селекција, физички многу моќна. Горд сум на момчињата, на цела Македонија и на нашите навивачи. Сите покажавме како се игра за својата земја. Ако се бориме во иднина како денес, резултатите сами ќе дојдат“, изјави селекторот Лазаров.
Македонија со овој бод ги зголеми своите шанси за добар резултат во оваа група, а сега навивачите со нетрпение го очекуваат следниот натпревар против Холандија кој ќе го играме в петок од 18 часот во Вараждин.

