Македонската ракометна репрезентација денеска ги почнува подготовките за последните два квалификациски меча за пласман на ЕП 2022. Избраниците на Кире Лазаров денеска се собираат во Скопје во пресрет на гостувањето кај Финска и последниот меч со Швајцарија дома.
Гостински меч кај Финска е во среда од 17 часот, а дома во последниот ден од квалификациите, в недела ја пречекуваме Швајцарија од 18 часот.
„Во овие два меча би сакал да им дадам шанса на повеќе играчи, за да го зголемиме составот, да биде поквалитетен и да добиеме уште некој играч, знаејќи дека за големи натпреварувања ќе ни бидат потребни поголем број квалитетни играчи. Меѓутоа, желбите и плановите се едно, а моментната ситуација друго. Затоа, околу тоа кој ќе биде на терен в среда и в недела ќе проценам по тренинзите во пресрет на мечевите“, изјави Лазаров.
Во досегашниот дел од квалификациите Македонија има три победи и еден пораз.

