Лазаров: „Ќе пробаме да победиме за Велигден, за нас и навивачите“

0

Македонија ќе ја пречека Швајцарија во Скопје, а гостите посакуваат победа со која ќе се реваншираат за поразот во Швајцарија во првата пресметка од овие квалификации.

Македонија веќе има обезбедено пласман на ЕП, па бодовите не се императив за нашите ракометари, но селекторот Кирил Лазаров посакува победнички да ги завршат овие квалификации.

„Атмосферата е одлична и на сите ќе ни значи многу доколку победиме. Им напоменав на ракометарите дека Швајцарија е екстра квалитетна репрезентација, која на последното СП им направи големи проблеми на сите големи селекции. Не е истата репрезентација која што ја победивме во октомври пред СП, имаат многу промени, во составот, тактички и стратегии. Тешко е да се подготвиш за еден противник како што е Швајцарија, но ние имаме доволно време, исто еден голем предизвик за нас како стручен штаб е да се подготвуваме за репрезентации како што е токму Швајцарија. Останува до почетокот на мечот максимално да се подготвивме, ќе пробаме да победиме, за Велигден да одиграме квалитетен натпревар, да победиме за наша душа и навивачите и победнички да го завршиме овој циклус“, изјави Лазаров.

Селекторот на Македонија потврди дека Дејан Манасков нема да биде во комбинација за овој натпревар поради повреда, додека Мартин Велковски има мали проблеми, но би требало да биде подготвен за настап.

Натпреварот меѓу Македонија и Швајцарија ќе се игра на 2 мај во СЦ „Јане Сандански“, а почеток е закажан за во 18:00 часот.

Share.

Leave A Reply