По вчерашниот триумф над селекцијата на Турција, во нашиот ракометен тим задоволство имаше само од резултатот. Ракометарите и селекторот беа согласни по мечот дека одиграа под очекувањата и ваквиот пристап мора да се смени веќе на неделното гостување во Грција.
Капитенот Лазаров пред новинарите истакна дека најважна е победата, но опуштената игра не е нешто што треба да биде составен дел од оваа селекција, која се подготвува за настап на светското првенство во јануари.
„Најважна е победата и двата бода, но мислам дека ова е еден од нашите најслаби натпревари во последните 10 години, тоа со сигурност ви го тврдам. Една ноншалантна игра, некоординирана, без респект. Единствено почит спрема битолската публика која беше одлична, а од друга страна заслужија подобра игра од наша страна. Искрено, со ваква игра нема што да бараме ниту на претстојниот Мундијал. Значи, нека биде ова како еден апел за сите, не е проблем тоа дека победивме само со четири голови разлика, но и одигравме слабо, значи целосно многу лошо издание“, изјави Лазаров.