По поразот од Норвешка во првото коло, нашата ракометна репрезентација предводена од селекторот Кире Лазаров се подготвува за следниот натпревар, дуелот со Холандија. Во нашиот стручен штаб веќе се подготвува тактика за добра игра против Холандија и да се дојде до добар резултат.
„Холандија покажа дека се работи за екстра-квалитетна репрезентација, игра модерен и брз ракомет и ќе мора добро да е намачиме и испотиме ако сакаме да дојдеме до победа. Денешниот ден целосно го искористивме за нивна анализа, иако и за време на подготовките гледавме натпревари, чисто тука ги споредивме дали се работи за истите работи што ги играат и мислам дека имаме шанси, треба позитивно да размислуваме. Малку ме загрижува повредата на Томи Јагуриновски, тоа беше голем хендикеп, па дури и за последниот меч со Норвешка, кога ние бевме во егал, ни фалеше таков играч кој покажува квалитет. Ни се приклучува на негово место Давид Савревски, дебитант, но голем потенцијал. Секој играч ни е добредојден во ротацијата за оваа средба. Ќе се обидеме да ја покриеме таа позиција и со друг играч, не само со Мартин Серафимов, затоа што ќе биде тешко да се издржи во тој ритам 60 минути. Серафимов ја заслужува шансата и мислам дека ќе одговори квалитетно на предизвикот“, изјави селекторот Лазаров.
Холандија има одлични бекови , а Стајн се носител на играта:
„Лук Стајнс му е продолжена рака на селекторот Олсон, исто како што е во ПСЖ на Раул, така е и во Холандија. Многу работи ги забележува, се адаптира и ги поставува играчите на натпреварот. Тој е нивниот најголем квалитет, селектор како Олсон со таков играч верувам дека е задоволен. Играат на високо ниво, нешто како на ЕП во Унгарија. Во секој момент знаат што прават и дефанзивно и офанзивно и мора добро да се подготвиме. Нашиот следен меч мора да го сфатиме сериозно и мора 60 минути да бидеме екстра-квалитетни. Ние сите сакавме да направиме изненадување како Македонци, но Норвешка беше повеќе од квалитетен ривал. Мислам дека како што поминува времето, така ќе се врати расположението кај сите наши играчи. Со вакви натпревари оваа генерација ќе расте од натпревар во натпревар“, рече Кире Лазаров.
Утре (недела) се играат два натпревари во нашата група Ф во Краков, Македонија и Холандија ќе играат во 18.00 часот, додека Норвешка ќеигра против Аргентина од 20.30 часот.