Ракометниот вицешампион на Македонија, РК Алкалоид, утре ги започнува настапите во групната фаза од ЕХФ Европската лига. Историскиот настап во Европа, Алкалоид ќе го има на домашен терен против српскиот шампион Војводина.
Пред дуелот во Скопје, првиот човек на кормилото на Алкалоид и селектор на нашата репрезентација Кире Лазаров, ја истакна важноста од годинешното учество во ова второ по ранг европско натпреварување.
„Минатата година успеавме да направиме историски успех и да се пласираме во втората година од нашето постоење во Европската лига, ова за нас значи многу. Нашата екипа лани беше составена од македонски играчи, оваа година имаме двајца странци, кои треба да ни помогнат да бидеме компететивни во ова натпреварување кое рамо до рамо со Лигата на шампионите. За нас претставува голем предизвик и големо искуство за македонските репрезентативци. Утре очекувам квалитетен натпревар, се надевам дека играчите ќе го додадат максимумот. Кај нив се чувствував позитивната трема, знам како им е, и јас бев играч. Ако ни се пружи шанса за изненадување ќе се обидеме да ја искористиме. Фаворитската улога им ја препишувам на Војводина“, изјави Лазаров на официјалната прес-конференција.
Мечот со Војводина се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 20.45 часот.