Македонија го победи Луксембург со 28:23 во натпревар од петтото коло од квалификациите за ЕП 2024 година и со тоа е веќе на чекор до второто место во квалификациската група.
Со оваа победа Македонија е блиску до ново учество на ЕП, кое треба да се верификува во недела против Турција.
Дури и пораз до девет гола разлика ја остава Македонија на второто место во групата и трет шешир пред ждрепката за групите на ЕП.
Селекторот Кире Лазаров по натпреварот со Луксембург даде свој коментар.
„Денеска не е лесно да се победи против секого. Ние сме подобри од Луксембург, но кога не играш дома, тешко е да се победи против секој ривал. Очекував тежок натпревар, но бевме фокусирани и концентрирани сите 60 минути, направив многу ротации за да бидеме свежи и на крај победивме. Луксембург се покажа во добро издание против нас, добар голман и бекови кои не ме изненадија, бидејќи ги знам нивните квалитети. Среќен сум што победивме и се пласиравме уште еднаш на ЕП“, истакна Лазаров.
За Македонија сега останува да го одигра последниот натпревар против Турција на домашен терен.
„Во недела се надевам дека ќе бидеме уште подобри отколку денеска, бидејќи во „Борис Трајковски“ очекувам полна сала и пред нашите навивачи да го прославиме пласманот на ЕП со оваа подмладена генерација“, заврши Лазаров.
Мечот меѓу Македонија и Турција ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во недела со почеток во 18:00 часот.