Македонија се подготвува за последниот натпревар кој е одлучувачки како ќе ја заврши првата фаза од СП во Полска и Шведска. Победа во дуелот со Аргентина не носи во главна фаза во Катовице, а поразот не испраќа на пат кон Плоцк каде се игра Президент купот каде ќе се разигрува за пласман.
Селекторот Кирил Лазаров се осврна на мечот со Холандија, но го најави и дуелот со Аргентина.
„Прифаќаме критика и треба да биде така. Во моментов Холандија е подобра репрезентација од нас, но разликата од десет голови е нереална. Имавме свои шанси и требаше веројатно да загубиме по достоинствено . Направивме добра анализа пред тренингот, грешевме во одбрана и напад, брзавме и правевме технички грешки. Едноставно, оваа репрезентација е нова, треба да расте и созрева на големите натпреварувања тоа е реалноста. Само вака може да се достигне тоа ниво. Едно е кога играте квалификациски натпревар, а друго е турнирски систем. Ова Светско превенсто кое тешко го изборивме, добро ќе им дојде на младите. Дојдовме тука со цел да ја минеме првата фаза, утре е главната битка за нас со Аргентина. Се работи за екстра-квалитетен противник кој и вчера со Норвешка покажа дека игра цврст и добар ракомет. Сметам дека сме тука некаде со квалитетот, доколку сакаме да победиме мора да одиграме максимално квалитетно во сите шеесет минути. Треба да учиме од грешките, имаме многу простор за напредок. Доколку сакаме да славиме, мора да бидеме сконцентрирани и фокусирани, да се обидеме да играме без голема емоција, едноставно да научиме да победуваме. Имаме шанса утре, се надевам ќе бидеме комплетни, иако ситуацијата со Томи Јагуриновски не е баш добра и доколку има шанса да ќе биде на располагање да помогне“, рече селекторот Кирил Лазаров.