Првиот натпревар во Злин очекувано помина со малку постигнати голови, а можби ќе бевме позадоволни доколку нашата репрезентација се вратеше со победа која ќе значеше и чекор до Мундијалот. Сепак оваа средба покажа дека не смее да се дозволи опуштање во ниту еден момент од натпреварот.
По самиот натпревар, анализа направи селекторот Кирил Лазаров. Тој на средбата со новинарите по првиот дуел со Чесите рече дека жали што Македонија не победила, барем со еден гол разлика.
„Им честитав на сите за борбата и испочитуваното, од она кое го одигравме како натпревар мора да бидеме задоволни. Никој не очекуваше дека во еден момент ќе водиме со 10-17. На крај ни се случи голем пад кој ќе не држи многу будни. Знам дека можеби на некој начин ја изненадивме Чешка, но знам дека ќе се подготви ривалот добро. Имаме еден добар, позитивен резултат, но многу жалам што не победивме, барем еден разлика, заслуживме. Не знаевме да го приведеме мечот до крајот. Имавме еден доста тежок дуел во кој многу се потрошивме. Ако некој го понудеше ова пред натпревар, јас со две раце ќе го прифатев затоа што ја респектирам Чешка како селекција и Сабате како тренер“, изјави капитенот и селектор на нашата ракометна репрезентација Кирил Лазаров.
Македонската ракометна репрезентација се врати во Скопје во раните утрински часови, а од денес веќе ќе започне да го подготвува реваншот в недела од 19:00 часот.