Ракометната репрезентација на Македонија по победата со 38-37 над Израел во рамките од „Кроација купот” се враќа во Скопје каде ќе ги одработи последните денови од подготобките за СП 2023 во Краков.
Селекторот Кире Лазаров е задоволен од одиграните натпревари во Хрватска, но смета дека има доволно време за одредени корекции до стартот на СП.
„Одигравме квалитетен турнир со квалитетни противници. Имаме еден слободен ден и потоа почнуваме со подготовки за конкретни работи за следните два противника, Норвешка и Холандија. Задоволен сум од сработеното во текот на подготовките, како и од прикажаното на контролните натпревари. Одбраната ќе ја поправиме, но треба да знаеме дека играме во силен ритам во текот на сите 60 минути. Во едно такво темпо, нормално е да се дава и прима повеќе голови. Во секој случај, има голем простор за напредок во нашата дефанзива, ќе работиме на тоа до почетокот на светското првенство”, изјави Лазаров.
Македонските ракометари по враќањето во Скопје денеска, во наредните денови ќе тренираат во СЦ „Борис Трајковски“ , а потоа на 11 јануари заминуваат за Краков, град кој ќе биде нивна база во текот на првата мундијалска фаза. Македонија го започнува настапот на СП на 13 јануари со Норвешка, на 15 играме со Холандија, додека два дена подоцна е средбата со Аргентина.