Некогашниот кошаркар, Скоти Пипен, кој остави посебен печат во НБА лигата, вели дека сегашниот тим на Лос Анџелес Лејкерс предводен од Леброн Џејмс, може да ја освои титулата само ако го има на клупата легендарниот тренер, Фил Џексон.
„Езерџиите“ се на десеттото место на Западот со ефект од 28 победи и 29 порази што значи дека ќе имаат тешка задача да дојдат до осмата позиција која обезбедува место во разигрувањето. Многумина проценуваат дека сегашниот тренер, Лук Волтон, нема капацитет да го однесе тимот до посакуваната титула во најсилната лига на светот.
Меѓу нив влегува и Пипен кој иако го почитува Волтон, проценува дека Фил Џексон кој има 11 шампионски титули како тренер (Чикаго и Лејкерс) би успеал дури и со сегашниот состав да направи чудо и да го однесе тимот од „Стејплс Центарот“ на врвот во НБА лигата.