Кошаркарите на ЛА Лејкерс ја победија Јута на домашен терен со 132:113, а натпреварот го одбележа дебито на Лука Дончиќ. Словенецот неодамна пристигна во Лос Анџелес од Далас Маверикс во спектакуларна размена, а синоќа првпат заигра заедно со еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, Леброн Џејмс.
Дончиќ беше 23 минути на паркетот и веднаш покажа дека ќе биде големо засилување за тимот од ЛА. Постигна 14 поени, имаше пет скока и четири асистенции.
ЛА Лејкерс одлично го отворија натпреварот и веќе по првата четвртина имаа предност од 12 поени. До крајот на втората четвртина само ја зголемуваа предноста која беше 72:47 по вториот период. Во продолжението Јута успеа само да го ублажи високиот пораз.
Леброн Џејмс беше најефикасен кај ЛА Лејкерс со 24 поени, додека Ривс постигна 22 поени. Кај Јута најрасположени беа Колинс и Марканен со по 17 поени.

