Келн и „Ланксес Арената“ секогаш нудат многу возбудувања на завршниот турнир во ракометната Лига на шампиони.
По саботни полуфиналиња на „фајнал-фор“ турнирот во Келн, ракометна Европа денеска ќе добие нов ракометен владетел. Попладнево во „Ланксес Арената“ за трофејот во Лигата на шампионите ќе се надигруваат Магдебург и Киелце.
Повторно се покажа дека во Келн не победуваат секогаш фаворитите и дека средбите на „Фајнл-форот“ се непредвидливи. Така, двете екипи на кои им се даваа помали шанси стигнаа до финалето ќе се борат за трофејот. Магдебург досега нема загубено финале во елитното натпреварување, има три титули, меѓутоа последната е во 2002 година. Од друга страна, Киелце еднаш се искачи на кровот на Европа, во 2016 година и има еден пораз од минатата сезона.

Во полуфиналињата двете екипи одиграа драматични натпревари. Магдебург по пенали ја победи Барселона (40-39), додека Киелце со 25-24 ја доби драмата против ПСЖ.
Финалето на Лигата на шампионите се игра попладнево во 18:00 часот, додека претходно во 15:15 ќе се сретнат Барселона и ПСЖ во мечот за бронза.